Идеален вовед во светот на планинското трчање — кратка, но возбудлива авантура по скриените патеки на Водно. Совршена за оние што сакаат да се пробаат во треилот или да се тестираат во брз предизвик.
основна статистика
Најбрзата и најдостапната дистанца на Водно–Матка. Доволно кратка за да ја завршиш со насмевка, но доволно предизвикувачка за да ја почувствуваш суштината на планинското трчање.
18.75 км
вкупна должина
Патека што ги поврзува урбаните со помалку одените делови на Водно — запознајте ја сончевата страна на планината.
973 м
денивелација
Ритмични искачувања и спуштања што ја будат силата и техниката на секој тркач.
4 часа
временски лимит
Доволно време за уживање во патеката, но со пулс што ќе те држи буден до самиот финиш.
1 поен
итра верификација
Сертифицирана трка што носи ITRA поен и ја отвора вратата кон подолги предизвици во иднина.
ПРИЈАВУВАЊЕТО Е ЗАТВОРЕНО
ОПИС НА РУТАТА
Спринт рутата од 18K е експлозивна, динамична и идеална за тркачи што сакаат да го почувствуваат пулсот на Водно во едно интензивно планинско доживување.
Спринт-дистанцата од 18 километри започнува во комплексот Македонски село пред Етно музејот. Оттука се трча по асфалтниот пат покрај манастирот Св. Пантелејмон и низ село Горно Нерези. Веднаш после џамијата, од главниот пат се врти во лево по тесен асфалтиран пат стрмно нагоре меѓу куќите за да се искачува кон сртот на Водно кон врвот Кале (Кота). На 5,3 км од стартот, на сртот пред брезите - кај раскрсницата кон село Горни Грчец и кај што гасоводот се спушта кон север, патеката се одвојува во лево и надолу во правец на југ. По стотина метра се приклучува со свртување во лево на сингл патеката со земја црвеница.
Се враќа назад на седлото (кај што беа багерите) и се искачува прво на врвчето па потоа се излегува на макадамот по гасоводот. Преку бункерите се префрла во лево на убавата шумска патека наречена Гунда. На 9.4км има раскрница Гунда 1 каде што се врти нагоре во десно, за кратко се излегува на макадамот (гасоводот) на сртот - се префрла и се одвојува во лево во тесна сингл патека во правец на југ односно кон селото Соње. Се следи патеката и по неполн километар се скршнува во лево, за по неколку км да се спушти меѓу куќите до сред село Горно Соње каде што е единствената освежителна станица (12км). Оттаму покрај репетиторот и низ иглолисна шума повторно се искачува по благо-стрмна и широка планинарска патека овојпат кон врвот Водно (Крстовар) (Милениумски крст).
На врвот не се оди преку домот туку се префрла асфалтниот пат се продолжува надолу во лево во насока кон Скопје а во правец на Детското одморалиште (15.6км) и оттаму во лево се исклучува по планинарска патека која води до Бункери. Патеката е сингл која минува покрај неколку огромни костени и благо искачува повторно до раскрсницата на патеката Гунда (каде што се вртеше од Бункери кон Соње). Тоа е на 16.9км па се врти во десно и надолу по сингл треил до целта во Македонски село. Се влегува од Горната капија (кај бачилото) и се врти еден полукруг низ комплексот за на крај да се финишира до ресторанот на плоштадот (18.7км).
Запознај се со дигиталната мапа пред трката — прегледај ја виртуелно и дознај каде се клучните искачувања, спустови и пунктови. Преземи го GPX фајлот на својот паметен часовник или апликација за навигација, за да трчаш сигурно и подготвено на секој свиок.
Како се движи трката: сегменти, искачувања и очекувани поминувања
ВИСИНСКИ ПРОФИЛ
Погледни го висинскиот профил за да знаеш што те очекува — кога почнуваат најстрмните делови, каде можеш да одмориш и кога следи спуст кон целта. Добро познавање на профилот значи паметно темпо и посигурен финиш (ќе биде испечатен и на стартниот број).