Здраво дечки, ви благодариме што се пријавивте на Водно-Матка Треилс и што ќе ја зграпчите оваа уникатна можност да доживеете незаборавно искуство под отворено небо!
Ви посакуваме добредојде на 7то издание на Водно-Матка Треилс во организација на здружението ТРЕКС Скопје поддржано од нашите главни партнери Polish Aid, Ред бул, Натусана / Алга Сан, Скаут Аутдор Шоп, Виталиа, Алпско Млеко, Горска вода и Прилепска Пиварница.
Како и досега, центарот на трката - стартот и целта ќе бидат на Средно Водно, во комплексот на Црвен Крст - даре Бомбол ЛОКАЦИЈА НА ГУГЛ МАПА
Подигнувањето на стартниот број и пакет ќе се врши во СКАУТ АУТДОР ШОП (локација на Гугл мапа):
Петок 05.04. - 16:00 > 21:00
Сабота 06.04. - 10:00 > 18:00
Недела 07.04. - НА СРЕДНО ВОДНО пред стартовите на трката*
Оние кои не се во можност лично да го подигнат стартниот пакет во предвидените термини - дозволено е трето лице да го подигне, но мора да не известите на vodnomatka@gmail.com претходно.
*На денот на трката - пред самиот старт на Средно Водно - стартниот пакет ќе може да го подигнат само натпреварувачи кои НЕ живеат во Скопје. Пишете на vodnomatka@gmail.com!
08:00 ВОДНО-МАТКА ТРЕИЛ ДОЛГА ТРКА 45КМ
10:00 ВОДНО-МАТКА ТРЕИЛ СРЕДНА ТРКА 30КМ
11:00 ВОДНО-МАТКА ТРЕИЛ КРАТКА ТРКА 10КМ
11:15 ДЕТСКА ТРКА
Ако доаѓате со автомобил на Средно Водно, и горниот и долниот паркинг се наплаќаат и тоа исклучиво преку СМС со мобилен телефон (или купена грепка-картичка) и тоа ќе ве чини најмногу 375 денари за цел ден (од 9-16 часот е периодот за наплата на паркингот). Може да се паркира бесплатно на околните улици т.е. покрај патот кон Горно Нерези (Св.Пантелејмон), но ризикот е ваш, сепак постои можност пајак да помине и да казни.
Од друга страна, автобус на ЈСП број 25 а/б/в тргнува од центарот на градот (Транспортен Центар) до Средно Водно и е бесплатен. Првото поаѓање од транспортен центар е во 8 часот изутрина. Последното од Средно Водно кон Центар во 18:00 <<распоред тука>>
Исто така, такси од центарот на градот до Средно Водно чини скоро колку и паркинг цел ден.
Жичницата до Крстот работи од 10 до 18 часот. Од 17 до 17.30 часот е последно возење од долу кон врвот, односно во 17.45 часот е последно возење од врвот надолу.
Трките се маркирани со нетрајна маркација со спреј со РОЗЕВА БОЈА - розеви триаголници (5х5 цм) и розеви стрелки на дрвјата и на камења на земја, и тоа на секои 50-100 метри, а на клучни места освен насочувачи ќе има и патокази со стрелки. Наместа патеките можат дополнително да бидат маркирани и со ПВЦ лента.
Внимателно проучете ги патеките и симнете ги последните гпс фајлови на вашиот спортски часовник и во соодветна апликација на мобилен телефон. Исто така, за време на трката имајте ја отворено патеката во мобилни апликации како што Outdoor active, Komoot или Strava. Вообичаено на секоја раскрсница има стрелки и зајакната маркација, но доколку не сте сигурни проверете ја патеката во вашиот часовник или телефон пред да продолжите понатаму.
СИМНИ ГПС ФАЈЛ НА ОВОЈ ЛИНК (СИТЕ ТРКИ)
Outdooractive интерактивна мапа:
Komoot интерактивна мапа:
Трите трки скоро 90% се одвиваат по козји патеки, вистинско уживање за љубителите на трејлот, и стартуваат од Средно Водно, и по трим патеката водат кон Врв Водно (Крстовар 1,066). Потоа по спуштањето од врвот, на м.в. пензионерска колиба (на убавата шумска патека наречена Гунда) маршрутите се двојат:
ГУНДА (кај пензионерска колиба) на 7,7 km:
30КМ / 45 КМ: вртат лево и по рамен дел трчаат во правец кон Бункери кон следната раскрсница Гунда - Ртишан.
10КМ: вртат десно и се спуштаат надолу во правец кон Детско одморалиште, па десно и угоре на асфалтниот пат, па по неколку стотини метри во лево се врти кај големиот летниковец и спушта надолу по патеката т.н. Чистилиште до асфалтот над Средно Водно и по патот до целта.
ГУНДА (РТИШАН) на 8,3 km:
30КМ / 45 КМ: Оттаму преку Гунда насред борова шума, на пола пат кон Бункери, има крстосница и таму се свртува нагло во десно (кон Север, во правец кон Скопје) па надолу се спушта кон Нерези каде што ќе има освежителна станица, па потоа преку селото Горно Нерези и патеката т.н. Благоец се трча нагоре кон Сртот а потем кон Кота КАЛЕ.
КОТА КАЛЕ на 16,3 km (тоа е крајниот врв на Водно над Матка):
30КМ: во лево (кон Југ) и надолу кон селото Св.ПЕТКА
45КМ: право (кон Запад) и надолу кон Кањонот МАТКА!
Учесниците на 45КМ должина, на Матка, ја вртат т.н. пеперутка преку Кајакарски мост, Брана Матка, св.Андреа, стрмно горе кон Св.Недела, па надолу кон Св.Спас и пак преку мостот угоре преку Шишевски манастир кон селото Св.Петка! Внимавајте на 200-300 метри после Св.Спас, после кривината на главниот макадам пат има свртување во десно по козја патека. Временски лимит за второто поминување на освежителна станица Матка т.е. Кајакарскиот мост е најдоцна до 14:00 ч.
Од селото Св.Петка, тркачите на 30КМ и 45КМ продолжуваат кон седлото и преку Бункери и патеката Гунда стигнуваат до раскрсницата каде што претходно свртеа кон Нерези. И на истото место вртат во нивно десно нагоре кон сртот и потоа се двојат во лево од главниот пат во една козја патека надолу кон Горно Соње.
Патеката кон Г.Соње третина спушта надолу, потоа се двои и врти во лево (на 39км за 45К и 26км за 30К), па третина по изохипса па потоа кај репетиторот качува нагоре кон Врв Водно низ борова шума. Па преку сега веќе традиционалната патека (со црно-црвена-жолта маркација) спушта до Детското одмаралиште и стотини метри по асфалтот се одвојува во лево кај големиот летниковец и спушта надолу по патеката т.н. Чистилиште до асфалтот и до целта на Средно Водно.
Отсега гледано, метеролошките услови за време на трката во недела на 07.04. ќе биде топло сончево време и температурен опсег на 1,000 мнв од 16°C - 23°C. Внимавајте на хидратацијата - проучете ја раздалеченоста на освежителните станици кои ќе бидат појачани со дополнителни количества вода - носете си садови (бидони, шишиња, меури) што собираат 1,5 вода!
https://www.meteoblue.com/en/weather/week/krstovar_north-macedonia_12060453
Стартен број (обезбеден од организаторот) и чашка за течности за на освежителни станици бидејќи нема да има пластични/хартиени чаши за еднократна употреба.
Силно препорачуваме да се носи ранец за трчање/појас и бидон, мешина или шише за вода со волумен од најмалку 1,5 литар течност како и мобилен телефон со полна батерија.
МОЛБА: Ѓубрето по џебовите и ранците не дозволувајте да ви паѓа по патеките! Фрлајте го само на освежителни станици или носете го до целта.
За ваша безбедност на терен ќе се грижи мобилна екипа од Планинско спасителна служба при Црвен Крст Скопје како и статични екипи со доктори на стартот/целта и на одредени освежителни станици. Но, во духот на спортскиот фер-плеј должни сте на секому кој би имал потреба веднаш да му помогнете и да останете со него/неа додека спасителите не пристигнат.
Мерењето на времето на стартот/целта ќе биде електронски со чипови (залепени на стартниот број) а на контролните точки преку мобилна апликација така што не заборавајте на волонтерите гласно да им го кажете вашиот број односно јасно да им го покажете доколку ви е затскриен.
Меморирајте го бројот на организаторот 071 246 423 во вашите телефони во случај на несреќа, губење или откажување веднаш јавете се за да не ве бараме залудно и наводно. На секое ќоше од трките има пристојна мрежна покриеност.
Резултатите се достапни на следниот линк https://vmtm.ultratrail.mk најдете се во списокот, проверете дали ви се точни податоците.
Прогласување на победници ќе биде во 14:00-15:00-16:00 часот а настанот се затвора во 18:00 часот. И не заборавајте, натпреварувајте се во рамките на своите психо-физички можности и забавувајте се.