31.03.2024

Правила и опрема

СОГЛАСНОСТ: Со доброволното пријавување, учесникот потврдува дека правилата, прописите, процедурите и обврските се обврзувачки за време на натпреварот. Овие прописи служат за да го направат натпреварот еднаков за сите учесници и не може да се оспорат на суд. Нивното прифаќање и примена е обврзувачко за да се учествува на настанот. Секој учесник е одговорен за техничката исправност на неговата/нејзината опрема и мора да се погрижи дека се во рамките на правилата. Организаторот не презема никаква одговорност при несреќен случај – незгода, лична повреда или материјална штета, кражба или други вид штети!
Правила и прописите се надоврзуваат на етичкиот кодекс на ИТРА кој служи да го направи натпреварот безбеден, фер и еднаков за сите учесници. ВМТМ е меѓународно призната трка која ги применува критериумите и стандардите во планинските трки воспоставени од ИТРА.
ПРАВИЛА И ПРОПИСИ

Задолжителна опрема

Еден од главните услови за да се учествуваш на ВМТМ е токму поседувањето на задолжителната опрема и облека која е наведена во правилата. Секој учесник – без исклучок – мора да на себе да има стартно бројче, мобилен телефон, астро фолија (или јакна ветровка) и чашка/сад за течности цело време на трката!

Внимание! Во зависност од временската прогноза, Организаторот го задржува правото да ја надополни листата со задолжителна опрема.

МОБИЛЕН ТЕЛЕФОН СО ПОЛНА БАТЕРИЈА

Телефонот треба да е вклучен од самиот почеток на трката, со активен роаминг, звук со минимален волумен (но со вибрации), целосно наполнета батерија и совршена работна состојба на уредот за да ја издржат целата трка.
Зошто е задолжително потребно?
Мобилниот телефон му овозможува на учесникот да прими но и да упати итни повици до Организаторот (телефонскиот број го има на стартниот број), СОС комуникација со службата за спасување и праќање информации за гео-локализација преку апликација.
Затоа, телефонот мора да биде активен за време на целата трка. Од суштинско значење е да се чува батеријата, избегнувајте непотребни повици или испраќање на податоци, освен во итен случај. Функциите кои бараат висока потрошувачка на батеријата, како што се Bluetooth или WiFi, треба да бидат неактивни.
Причината зошто роаминг услугите мора да бидат активни е поради фактот што дел од трката е во непосредна близината на соседно Косово и на некои делови од трката косовската мрежа е појака, отколку македонската.

АСТРО ФОЛИЈА или ЈАКНА-ВЕТРОВКА

Астро фолијата е направена од тенка пластика, рефлектирачка сребрена боја од едната страна и златна од друга страна. Нивниот дизајн ја намалува загубата на топлина или ја зголемува во зависност од тоа како се поставува за да се покрие лицето кое има потреба. Минималната површина мора да биде 1,4м x 2,0м.
Зошто е задолжително потребна?
Астро фолијата главно се користи за покривање повредени лица додека чекаат прва помош или спасители, но исто така може да се користи за сигнализирање при хеликоптерско спасување или едноставно како заштита од ветер и дожд.
Начинот на кој треба да се користи за покривање на повреденото лице зависи од ситуацијата:
За да се задржи топлината (кога е ладно): ставете ја сребрената страна во контакт со телото и златната страна свртена кон надвор. Во случај на хипотермија, повреда или студ.
За да се намали температурата (кога е жешко): ставете ја златната страна во контакт со телото и сребрената страна свртена кон надвор. Во случај на треска, топлотен удар или изложеност на сонце.

ЧАШКА ИЛИ САД ЗА ТЕЧНОСТИ

Може да биде било каква гумена, пластична чашка, бидон или шише кое може да се користи како сад за вода и сок на освежителните станици.
Зошто е задолжително потребна?
Поради заштита на природната средина, организаторот нема да овозможи пластични/хартиени чаши за еднократна употреба на освежителните станици. Чашката ќе ви служи за да се напиете кола, кафе, супа и чај. Да оставаме што е можно помал отпечаток во природата!

Препорачана опрема

Сад за вода (бидон/шише/мешина) со мин. волумен од 0,5 литри.
Прва помош (ханзапласт, еластичен завој)
Планинарски стапчиња.
Многу насмевки и добро расположение!
Енергетски чоколатца, житни барови, гелови или слична високо-калорична храна.
Капа, бандана, ракавици, очила за сонце.

Заштита на природата преку одговорно однесување

Луѓето отсекогаш трчале по планините, за да напредуваат побрзо, да пренесат вести, за лично задоволство, по итна помош… Во суштина постојат толку многу различни мотиви колку што има потенцијални тркачи. Сепак, од пред само неколку години трчањето во планина се развива како компетитивен спорт кој вклучува многу луѓе и влијание врз планинските предели, некои се заштитени како национални паркови, природни резервати, заштитени зони.
Несомнено е дека секоја активност во природа остава свој траг и предизвикува пречки во природниот тек. Токму затоа сите кои што уживаат во природата мора да се стремат кон намалување на своето влијание. Од овие причини организаторот на овој настан ТРЕКС бара од сите учесници на трката да се придржуваат кон неколку основни правила за време на нивниот престој во природа:
> Секогаш движете се по обележаната патека. Ова помага патеката да остане во добра состојба, а истовремено ја намалува ерозијата на земјата која настанува како резултат на правење кратенки.
> Осигурајте се дека сите отпадоци од храна и пијалоци по консумирањето се сместени во џебовите или ранецот. Патеката во планина не е место за пластика, хартија или друг отпадок.
> Обидете се да ја оставите природата почиста отколку што сте ја нашле. Ако наидете на отпадок, направете добро дело и пренесете го до најблиската корпа за отпадоци.
> Можно е да наидете на домашни животни (крави, овци, коњи) во близина на патеката кои ѕиркаат со недоверба. Потрудете се да не ги вознемирувате, забавете го темпото, држете се на далечина, не ги допирајте и галете.
> Често стадата се придружувани од куче чувар како заштита од мечки, волци и диви кучиња. Секогаш заобиколкувајте го стадото, никогаш не минувајте по средина, ако кучето ви се приближи дозволете му да ве помириса за да свати дека не сте закана, потоа движете се бавно и на безбедна далечина.
> Дивите животни најчесто избегнуваат контакт со луѓе. Ако по некоја случајност патеката ви се вкрсти со дива свиња, елен или било кое друго животно, препорачливо е веднаш да се повлечете на далечина од која животното ќе може да избега. За да избегнете одбранбена реакција, никако не се приближувајте кон диво животно.
> Планините се место за соживот. Поздравете ги луѓето на кои наидувате или преупредете ги на постоечки препреки или опасности на патеката на кои сте наишле.
> Движењето на телото ги придвижува и цревата. Доколку имате потреба од олеснување ископајте мала дупка со петата, а потоа закопајте го изметот со земја, лисја или камења.
> Кренете го погледот од патеката за да ја разгледате околината и целосно уживајте во прекрасната природа која ве опкружува. Осознавањето и вљубувањето во природата се првите чекори за да ја почитуваме и чуваме.
> Пријателите и семејството кои доаѓаат како поддршка за тркачите исто така треба во целост да бидат свесни за природата, да ја почитуваат и заштитуваат. Паркирајте само на обележано место, никогаш на тревна површина, не фрлајте отпадоци, не кревајте непотребна бучава и не нарушувајте нечија приватност.

Спонзори / Sponsors

Соработници / Collaborators

closealign-left linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram