Со огромно задоволство ви го претставуваме новиот дизајн на VODNO-MATKA TRAILS 2022 oсмислен од феноменалната Katerina TeRi Nikolovska!
Идејата за креативниот концепт и промовирање на овие инсекти потекнување од нивното значење во шумскиот екосистем т.н. рецикличари на шумата.
Видот прикажан во овогодинешниот дизајн припаѓа на редот Coleoptera-тврдокрилци, односно на фамилијата Lucanidae - еленчиња.
Овој вид е дел од групата сапроксилни тврдокрилци кои се карактеризираат со тесна приврзаност кон старите, добро сочувани шумски екосистеми, каде се вклучени во процесите на распаѓање на мртвата дрвесина. Информациите за нивното разнообразие и дистрибуција се мошне важни во процесите на идентификација на добро сочувани, стари шуми со високи природни вредности.
Конзервациски статус: aнекс II од Хабитат Директива (код 1083): Во базата на IUCN се води под категоријата близу засегнат (NT) од причина што иако има широка дистрибуција во Европа, во северните и централните делови регистрирано е значително намалување на бројноста, кое може да претставува сериозна закана за видот доведувајќи го до состојба на загрозен (Vulnerable). Видот е наведен и во Прилог II од Бернската Конвенција, што придонесува до потреба од поголема негова заштита. На Црвената листа на сапроксилни тврдокрилци на Европа се води како близу засегнат (NT), а на Медитеранска црвена листа на сапроксилни тврдокрилци е со неодреден статус (NE). Oвој вид е наведен и на Националната листа за утврдување на строго заштитени и заштитени диви видови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/04, 14/06, 84/07, 35/10 и 47/11).
Опис: Мажјаците имаат карактеристични рогови и можат да пораснат до неверојатни 75 мм во должина. Женките имаат многу помали мандибули и растат помеѓу 30-50 мм. И мажјаците и женките имаат сјајни црни глава и тело и тврди крилја со кафеава боја на костен.
Животен циклус и период на активност: Имагото е активно во пролетно-летниот период (но најчесто јуни-јули) и живее 3-4 недели. Кон крајот на мај, први се појавуваат мажјаците, недела дена пред женките. Мажјаците летаат приквечер или во зори, а женките се движат на подлога. Полагањето јајца се одвива во периодот мај-август. Ларвениот стадиум трае 3 до 5 години (максимално до 8 години). Ларвата се развива во влажна дрвесина која е во распаѓање под или над почвата, вклучувајќи и паднати стебла, стари трупци во распаѓање и корења од даб (Quercus), липа (Tilia), бука (Fagus), врба (Salix), топола (Populus) и други листопадни дрвја. Многу ретко се среќава во четинарски шуми. Во летно-есенскиот период (најчесто во текот на септември) ларвата преминува во кукла.
Потенцијални хабитати: Видот населува и преферира добро осветлени термофилни, листопадни шуми и нивни екотони, со топла микроклима. Има слаба способност за колонизација, оттаму е и ограничената дистрибуција. Не е исклучена можноста да се најде во стари необработени агроекосистеми, рабови на листопадни шуми и стрмни оголени терени, како и паркови во градска средина. Како потенцијални хабитати за овој вид се издвојуваат и тополовите вештачки насади.
Закани: Губење и фрагментација на живеалиштата, отстранување на мртвата дрвесина, сечење на старите дрвја, недозволено колекционирање итн...
Огромна благодарност до Angela Taseska од ЈУНП Галичица, за текстот кој е напишан во консултација со проф. д-р Aleksandra Cvetkovska , Катедра за анимална екологија, Институт за биологија-Скопје и за фотографиите на Sanida Ramadanoska од 2021 година.